Со ладна вода, клима уреди и лесна облека, граѓаните се справуваат со екстремно високите температури

Со клима уреди, затемнети простории и постојано освежување со ладна вода, граѓаните се справуваат со екстремно високите температури. Кога мора да се излезе, тоа е или рано изутрина или доцна навечер – кога сонцето попушта. А и тогаш, подготвени со капи, шешири, лесна облека и вода. Особено постарите внимаваат најмногу, се придржуваат до препораките од лекарите и внимаваат редовно да внесуваат течности. Лекарите апелираат до сите, а особено до хронично болните, да останат во затворени, климатизирани простории, да ја избегнуваат изложеноста на сонце и да се облекуваат со светла и лесна облека.

Инаку, лекарите и понатаму апелираат граѓаните да не ја потценуваат жештината – особено не во периоди кога температурите надминуваат 40 степени. Потсетуваат дека несаканите последици може да се случат и за неколку минути изложеност на сонце, особено кај децата, повозрасните и лицата со хронични заболувања. Препорачуваат задолжително носење капа или шешир, очила за сонце, памучна облека, како и редовно внесување на течности – најмалку два до три литри вода дневно. Алкохолот, кофеинот треба да се избегнуваат бидејќи дополнително го дехидрираат телото.

За оние кои мора да излегуваат во текот на денот, совет е да бараат сенка и да прават почести паузи. А за дома – проветрување рано изутрина и доцна навечер, со затворање на прозорците и ролетните во најтоплиот дел од денот, може значително да ја намали внатрешната температура.

Иван Митев, М-Нет