Со зедничка координација на институциите до решавање на проблемите со струја и вода во Света Недела во Штип, свикна Локален совет за превенција

Проблемите со електричната енергија и водоснабдувањето во штипската населба Света недела денеска главна тема на Локланиот совет за превенција кој беше свикан од страна на градоначалникот Иван Јорданов. Поради нелегалните приклучоци на електричната и водоводната мрежа и се поголемиот број на изградени дивоградби во овој дел на градот проблемите се провлекуваат неколку години, а за да се решат потребна е заедничка координирана акција со сите институции и на централно ниво.

-Искомунициравме во насока на тоа што треба да преземат сите институции заеднички, за да се намалат овие девијантни појави и однесувања. Претставниците од сите институции се согласни во иднина се испрати допис и барање до СВР-Штип за полициска асистенција за да можат да бидат отсранети сите нелегални приклучоци и нелегални објекти, коишто го загрозуваат домувањето и начинот на домување на легалните објекти во населбата, вели Јорданов.

Тој посочи дека со проблемов не се соочени само жителите од оваа населба, туку и сите граѓани на Општина Штип, кои на своите сметки за струја ги плаќаат и загубите.На состанокот присуствуваа и жителите на Урбаната заедница Света Недела, кои истакнаа дека поради слабата електричната мрежа постојано им се расипуваат апаратите, а поради заплетканата мрежа од кабли над нивните улици не можат да интервинираат Противпожарната единица, како и да им влезат камиони за испорака на дрва, мебел и друга стока. Раководителот на инспекциските служби во Општина Штип, Тоше Ѓоргиев истакна дека во голем дел од нелегалните објекти живеат луѓе од други градови, коишто на инспекторите им посочуваат дека овде живеат, бидејќи не плаќаат струја и вода.

„Согласно вашите ингеренции и Закони тие дали имаат право тука да престојуваат, немаат право. Прво од таму да почнеме да ги вратиме во местата на живеење. Дојдел од Кочани и кога го прашаш зошто е тука, он вика оти тука ми е без пари струјата и водата и тука си живее“ – вели Ѓоргиев.

Решавање на овој проблем побараа и Претставници на ЕВН. Тие на денешната седница на Локалниот совет за превенција истакнаа дека во овој дел има околу 150 дивоградби, а голем дел од нив се и нелегално приклучени на електричната мрежа. Како компанија се засегнати да се реши проблемот, со цел да има нормално снабдување со струја на домаќинствата кои имаат легални објекти и приклучоци на нивната мрежа.