Социјално загрозени, невработени и лица над 55 год. ќе извршуваат јавни работи во претпријатијата во Штип

Долгорочно невработени лица, лица постари од 55 години како и лица од социјално загрозени категории ќе имаат можност да извршуваат јавни работи во јавните претпријатија во Штип. Оваа предлог одлука помина на последната седница на Совет на Општина Штип, по што се очекува во наредниот период да се распише јавен повик на кој може да се пријават лица кои ги исполнуваат условите и да бидат работно ангажирани. Предвидено е да се ангажираат максимум 30 лица во зависоност од потребите на ЈП Исар и ЈП Стипион, кои ќе работат не подолго од осум месеца.

„Во програмата е предвидено да бидат ангажирани долгорочно невработени лица, како и лица над 55 години. Начинот на работен ангажман на овие лица ќе биде преку јавен повик со кој ќе бидат дефинирани критериумите за лицата кои ќе бидат работно ангажирани и врз основа на тоа ќе се озберат лицата и ќе се направи договор за работен ангажман.“ – Џамбазова – Николовска.

За лицата кои ќе бидат работно ангажирани е предвидено вкупните примања да бидат нешто повеќе од 13 илјади денари. Во оваа сума е предвиден персонален данок, ама не и осигурување при повреда на работа. Сумата ќе биде издовена од страна на општината, а само осигурувањето од страна на јавните претпријатија.

„Вкупните примања на лицата е предвидено да бидат 13.333 денари. Во оваа сума е предвидено и персонален данок на доход, и не е предвидено осигурување при повреда на работа и врз основа на договорот кој ќе биде склучен со лицата, сите социјални права кои ги користат од Центарот за социјална работа нема да се сметаат како проходи“ – додава Џамбазова.

Со подобрување на временските услови и покачување на дневните температури се зголемува и потребата од вработени во двете јавни претпријатија во Штип. По објавување на повикот ќе бидат познати и точните критериуми, лицата ќе може да се пријават и да се направи избор за тоа кој ќе озвршува јавни работи во јавните претпријатија во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет