
Форум за младинско учество во образованието организираше Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Активноста е во насока на подобра соработка меѓу сите чинители на општеството, а со цел насочување на средношколците во пронаоѓањето на нивниот кариерен пат. Ректорот, Дејан Мираковски, вели дека ова е прв ваков иновативен чекор.
„Ова е прв иновативен чекор со кој Универзитетот пробува да изгради подобра подобра или целосна соработка со средношколските центри и со младите воопшто, пред сѐ како ние можеме да ги ставиме на располагање сите ресурси“, истакна Мираковски.
На настанот присуствуваа и претставници од Стопанската комора, од каде велат дека акцентот треба да се стави на соработка меѓу образовниот и бизнис секторот, од која може да произлезе квалитетен кадар.
„Ваквите форуми треба да продолжат и со другите универзитети, затоа што на тој начин ќе овозможиме младите навистина да се посветат на својата кариера, но може да се посветат и да бидат употребени како квалификуван и стручен кадар не само во реалниот сектор, туку и во јавниот, само доколку реализираат квалитетна практична обука во компаниите, односно во реална работна средина“, истакна Наташа Аневска, проектен менаџер во Стопанска комора.
Во насока на подобрување на состојбите влог даваат и од Локалната самоуправа и средните училишта. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека продукцијата на квалитетни студенти ќе бидат двигатели на развојот на градот, а директорките на средни училишта ја поздравуваат ваквата можност.
„Навистина ми е драго што соработката со Универзитетот „Гоце Делчев“, којашто досега ја имавме се продлабочува, се интензивира, се подобрува комуникацијата. Во насока на ова е и денешниот Форум којшто го организира Универзитетот за сите средни училишта“, истакна Јорданов.
„Остварува можност нашите ученици коишто се на патот да изберат што ќе биде нивната професија, да ги спојат знаењата, вештините и компетенциите“, Тања Јовановска, директор на СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ – Скопје.

„Ни дава до знаење дека соработката со средните училишта е двонасочен процес чија единствена цел е да се подобри квалитетот на образованието и да се создадат кадри кои ќе имаат применливо знаење“, Марија Николиќ, в.д. директор на СОУ „Јане Сандански“ – Штип.
Можностите од ваквата соработка помеѓу сите чинители ги препознаа и студентите, кои посочија на активностите кои досега ги реализирале.
„Универзитетот дава можност студентите да навлезат во образовниот процес, односно во ангажираноста и реализацијата на факултетските вежби“, вели Стефан Мишовски, студент на Медицински факултет.
„Сите ние студенти можеме да бидеме активно вклучени и да бидеме вклучени во организации и активности како што се дарување на крв“, истакна Сара Денкова, студентка на Медицински факултет.
Ова е прв ваков форум кој има за цел да овозможи подобри услови за унапредување на знаењата и квалитетот на образовниот процес.
Ребека Спасова М-Нет