
Следниот викенд започнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига со мечевите од првото коло. Брегалница и Скопје се вратија во елитата, Шкендија Арачиново ќе биде дебитант, Вардар ќе го брани тронот, Силекс ќе ја брани Куп титулата.
Како што информираше и Фудбалската федерација на Македонија одложување на натпревари нема да има, во случајот како што бараше Вардар поради европските настапи, а ниту ќе се одложи почетокот на првенството.
Во рамки на првото коло Шкендија на домашен терен ќе игра со Скопје, Силекс ќе го пречека Башкими, Струга Трим Лум ќе игра против дебитантот Шкендија Арачиново, Тиквеш дома стартува против Арсими, а пак шампионот Вардар ќе игра со повратникот Брегалница.
Според прозициите последните две екипи испаѓаат директно, осмиот тим ќе игра бараж за опстанок, а поради подобрениот коефициент од шампионатот првиот тим ќе игра квалификациите за Лигата на шампиони, а вториот и третиот ќе игра во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, а исто така во Конференциската лига пласман ќе бара и освојувачот на Купот на Македонија.
Прволигашкиот фудбал на Градскиот стадион во Штип ќе се врати во рамки на второто коло, кога Брегалница ќе го пречека Арсими, а пак во Автокоманда прволигашки фудбал исто така ќе се игра во рамки на второто коло кога Струга ќе гостува кај Скопје. Првиот домашен меч дебитантот Шкендија Арачиново ќе го игра во второто коло против Силекс.
Александар Ванев, М-Нет