„Сигурна работа за сигурен живот“ – Ромите во Кочани ќе се мотивираат да се вработуваат

Преку проект „Сигурна работа за сигурен живот“ во Кочани ќе се мотивираат Ромите да ја зачуваат својата работа со сигурни и платени придонеси. Целта е младите Роми и жените Ромки да се насочат да размислуваат за својот професионален и кариерен напредок и да придонесуваат за подобрување на животните услови во семејството и локалната заедница.

„Денес ја промовираме кампањата чија цел е да ги мотивираме вработените Роми да си ги задржат своите работни места. Го организираме овој јавен настан, притоа повикувајќи ги сите лица кои се и невработени, а бараат вработување, да го побараат своето работно место во текстилните компании“, истакна Катерија Бојковска, претставник од Здружението „Национален ромски центар“.

Важноста на проектот е граѓаните да учествуваат во реализација на кампањата за да сфатат дека невработеноста и нивно учество во сивата економија носи многу ризици. Наспроти ова, сигурната работа доведува до стабилност, независност и самодоверба. Активностите веќе даваат резултат, односно податоците од терен покажуваат позитивен ефект од спроведеното.

„Од податоците од терен коишто ги имаме е дека веќе постои интерес од страна на лицата кои бараат да се вработат, како и кај оние кои се вработени да си ги задржат местата. Ние како организација се стремиме да им покажеме на придобивките како што се сигурна плата и платени придонеси за пензиско и здравствено осигурување“, додаде Бојковска.

Вработувањето претежно се однесува на текстилната индустрија, но подеднакво и во другите индустрии. Со овие активности партнерите во проектот ќе се борат и против стереотипите, маргинализацијата и дискриминацијата на ромското население кои придонесуваат за намалување на можностите за вработување и кариерен раст и развој.

Кампањата е дел од проектот „Организациски развој на НРЦ и подобрените способности за вработување и претприемништво кај Ромите, особено кај жените и младите“. Очекуваниот импакт на проектот е социо – економски зајакната Ромска, женска и млада популација во руралните и семи-урбаните средини.

Ребека Спасова М-Нет