
Локалната самоуправа во Карбинци во соработка со ОО на Црвен крст Штип организираше крводарителска акција. Со цел да се покаже хуманост граѓаните и медицинските лица упатија повик до сите кои може да даруваат. Несебично да покажат што помасовно дарување кое некому може да спаси живот и да дојдат не само на оваа акција, туку и на сите следни кои ќе се организираат.
„Јас дарувам крв по 23. пат. За мене е не само да се спаси нечиј живот, туку и чисто заради мое здравје, се прочистува крвта“, вели жителка на с. Таринци.
„Оваа прва акција во Општина Карбинци за оваа година, задоволни сме од излезеноста на граѓаните. Досега имаме собрано околу 15 единици крв, што е добра бројка“, потенцираше трансфузиологот Моника Сенева.
На хуманост своите сограѓани ги повика и првиот човек на Општината, градоначалникот Виктор Паунов.
„Во соработка со Црвен крст денеска организираме крводарителска акција. Ова е прва акција од кога сум јас градоначалник на Општината, па нека продолжи ова и понатаму во пракса. Добро е да даруваме крв, да спасуваме живот и на крајот солидарноста нека биде секојдневие за секој од нас“, порача тој.
Ова е прва акција во Општина Карбинци за оваа година, претходно ОО на Црвениот крст организираше повеќе крводарителски акции во Штип и Карбинци по разни поводи.
Ребека Спасова М-Нет