
Се уредуваат тротоарски површини на повеќе локации во Штип. Улиците „Никоманска“, „Нобелова“ и „Панче Караѓозов“ добиваат нови тротоари уредени со павер елементи. Ова е по барање на жителите кои живеат на овие улици и се прави првпат после половина век. Градоначалникот, Иван Јорданов, од лице место истакна дека ќе се работи со цел да се задоволат сите потреби на граѓаните.
„Се одвиваат активности за поставување на павер елементи и уредување на тротоарските површини. Паралелно се работи и на улицата „Панче Караѓозов“ на спој со улицата „Осми Април“. И на оваа локација се уредуваат тротоарските површини. Овде откако биле направени овие улици никогаш досега не биле уредени тротоарите“ – вели Јорданов.
За уредување на тротоарите на улиците „Никоманска“, „Нобелова“ и „Панче Караѓозов“ од општината се издвоени околу два милиони денари. Јорданов посочи дека на ваков начин се работи во сите населени места по барање на граѓаните.
„По завршувањето на овие три улици со уредување со павер елементи, секако дека ќе се опфатат и други населби каде има потреба заа тоа.“ – додава Јорданов.
Задоволни од она што се работи на терен се и жителите кои живеат во овој дел од градот. Велат по долги години нема да газат трева туку добиваат модерни и уредени површини.
Во наредниот период ќе се работи на повеќе локации во градот, со цел да се подобрат условите за живот на граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет