
Изложеноста на прашина и хемиски супстанци од текстилните материјали, бучава, вибрации и неповолни микроклиматски услови се причините за нарушеното здравје кај текстилните работници. Ваква загрижувачка состојба покажува првата професионална студијата од „Гласен текстилец“ и тим експерти. Кај секој вработен во текстилната индустрија има дури три различни оштетувања и промени во здравствената состојба. На прво место се проблемите со видот, па зголемениот крвен притисок, анемија и кардиоваскуларни заболувања, додека маглигните заболувања се на шесто место.
„Нашата анализа покажа нешто што е малку невообичаено и надвор од нашите очекувања, дека кај една третина од испитуваните работници се утврдени одредени заболувања и тогаш таа бројка дава за право да се заклучи дека тоа не е многу страшно, само 30% од вработените имаат одредени дијагнози коишто се потврдени во текот на медицинските прегледи во здравствениот систем. За нас беше многу поинтересно да се види што утврдуваме во текот на стандардните превентивни медицински прегледи коишто имаат задача да постават рана дијагноза на оштетувањето и да ги најдат проблемите во најраните почетни фази кога уште може да го заштитиме здравјето на работниците“, вели универзитетската професорка, Елисавета Стикова.
За ваквите проблеми сведочат и текстилните работнички, но и праксата која овозможува секој да донесе свој заклучок. Најголемиот сведок за грижата кај здравјето на работниците и она што поттикна недостатоците да излезат на виделина е пандемијата.
„Седиш на машината, шиеш, кичмата ти е укочена, кому и да кажеш, никој не ти верува. Стоиш на нога цел ден, нозете те болат, притисокот ти варира. Никој не ти верува, мораш да работиш“, вели Снежана Костадинова, текстилна работничка.
„Ако смеам да споделам една тема којашто неодамна ни се случи, тоа е ковид пандемија. Знаеме дали некој се грижеше за здравјето на текстилните работнички кога ни се случија кластерите. Превозот не беше уреден, секоја чест на исклучоци. Немаше дезинфекција на работните места, така што бројката како одите кон Источниот регион е подраматична и повисока. Меѓутоа, мислам дека нема доволно свест. Еве, денеска го слушнавме и господинот Ангел Димитров како вели дека нема веќе работници, па нека се прашаат зошто е тоа така“, додава претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева.
Од Здружението за заштита при работа на текстилните работнички велат дека проблемот не е во Законите или законските измени, туку во тоа што истите не се практикуваат. Со ваквите услови очекувано е да нема кој да работи, а и да не се привлече млад кадар.
„Луѓето не бегаат од арно, бегаат од лошо. Луѓето бегаат од таму каде што не ги почитуваат, од таму каде што нивниот труд не е ценет и вредуван. Јас имам една т.н. лакмусова хартија кога треба да испитам дали некое е добро или не е добро работно место. Дали би го вработиле своето дете? Ако одговорите да, тогаш сте на вистинското место. Ако не, тогаш едноставно морате нешто да подобрите“, потенцираше Милан Петковски од Македонско здружение за заштита при работа.
Студијата „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“ ја направи „Гласен текстилец“ преку анкета, а предмет на истражување беа и 6. 000 резултати од систематски прегледи на текстилни работници.
Ребека Спасова М-Нет