СДСМ Штип: Јорданов наводно се грижи за граѓаните во Автокоманда Здраквов: Обвинувањата се смешни

Градоначалникот Јорданов само глуми загриженост за граѓаните од населба Автокоманда, а викендов жителите беа без чиста вода за пиење и газеа во кал и прашина, обвинија денесак на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму упатија низа прашања до градоначалникот во интерес на штипската јавност.

„Фатен во сопствените лаги и глумење наводно загриженост за граѓаните од населба Автокоманда, Јорданов уште еднаш ја покажа неговата неспособност и неспособноста на тимот околу него. Жителите на улиците „Солидарност“ „5 конгрес“, „Бараќа Даневи“ викендов немаа чиста вода за пиење и газеа во кал и прашина. Во интерес на вистината го прашуваме Јорданов да одговори пред штипската јавност кој врши промена на водоводната и канализациона мрежа на улиците во населба Автокоманда, зошто Јорданов распишал тендер за фирма кој би вршела активности кога веќе постои јавно претпријатие основано токму за оваа цел. Ако веќе ангажирал приватна фирма, зошто цело време додека се одвиваат работите на терен, интезивно се вклучени голем број вработени од ЈП Исар како и дел од механизацијата.“ – прашаа од СДСМ.

Обвинувањата на СДСМ се смешни, врати директорот на ЈП Исар, Трајче Здраков. Според нго за првпат Штип има Локална власт со која комплетно се работи на водоводната и канализациона мрежа.

„За првпат темелно се реконструираат пред асфалтирање три улици. ЈП Исар комплетно ја изработи улицата Браќа Даневи. Што се однесува до другите две улици беа работени од приватен оператор по јавна набавка, но ЈП Исар работеше таму на одредени згради на приклучоци кои не беа предвидени во тој проект и вршеше спојување на линијата на Браќа Даневи со улицата Солидарност. Потоа направивме и подземен катастар на изведувањата“ – кажа Здравков.

Пред да се премине на асфалтирање прво мора да се завршат темелно работите под земја, а тоа е целата на Лолкалната власт, додаде Здравков.

Лаура Стојанова М-Нет