
Продолжува да расте бројот на новозаразени пациенти со ковид 19, да се полнат болниците, да се зголемува притисокот врз истите. На високо ниво е и смртноста во државата предизвикана од корона вирусот. Надлежните единствениот спас од ваквата ситуација го гледаат во вакцините, односно што по масовна вакцинација на населението.
Во модуларната ковид болница во Штип хоспитализирани се 54 ковид пациенти, а моментално слободни се три кревети. Во последните 24 часа 6 пациенти се ново примени, а како оздравено се води само едно. 28 лица се со потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка. Од 54 те хоспитализирани 17 се вакцинирани, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Во изминатото деноноќие едно лице од Кочани на 78 годишна возраст ја изгубило битката со невидливиот непријател и починало во Клиничка болница Штип. Во текот на само 24 часа направени се 50 амбулантски прегледи. Како ковид центар во Штип работи и Кожното одделение и интерното одделение во Кочани. Истовремено, доколку има потреба во текот на неделата ќе се отвори и модуларната ковид болница во Кочани.
Според информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.152.327 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 175.624, бројката на оздравени пациенти е 155.646, на починати е 5.901, а бројот на активни случаи изнесува 14.077.
Лаура Стојанова М-Нет