Реконструкција на теренот на Градскиот стадион во Штип

Репрезентативната пауза ќе биде искористена за освежување и подобрување на теренот на Градскиот стадион во Штип.

Со поддршка од Фудбалската федерација на Македонија, а на барање на фудбалскиот клуб Брегалница, денес започнува процес на реконструкција на самиот терен на Градскиот стадион во Штип, посочи претседателот на клубот Ангел Бојаџиев.

„На барање на ФК Брегалница и градоначалникот на општина Штип, ФФМ благодарение на претседателот Масар Омерагиќ ни излезе во пресрет и ни пушти машини за реконструкција на теренот на Градскиот стадион во Штип. Моментално се врши гребење на самиот терен, потоа ќе се врши дупчење и аерирање на теренот, ќе се фрли нови 400 килограми семе и десет кубици песок единица и ќе се изврши нивелирање на самиот терен, со што истиот ќе биде подготвен за во иднина за одржување на фудбалските натпревари, теренот да биде во кондиција како што треба и доликува на еден прволигаш“, вели претседателот на ФК Брегалница, Ангел Бојаџиев.

Теренот и досега редовно се одржување и беше во одлична кондиција, а ова е процес за негово освежување со што ќе нуди оптимално услови за одржување на фудбалски натпревари.

„Ова ќе значи подобар терен, неливиран терен, Штип ќе го има еден од најдобрите терени. Ние и досега го одржуваме теренот како што треба, потоа ќе фрлиме вештачко ѓубре кое е направено специјално спрема потребите на почвата со направена анализа и со микроелементи го одржуваме со прскање за да биде во потребната кондиција“, дополнува Бојаџиев.

По завршување на репрезентативната пауза Брегалница на гостински терен ќе се соочи со Тиквеш, во рамките на деветтото коло на ПМФЛ.

Александар Ванев, М-Нет