
Со два натпревари од 14. коло беше отворена пролетната полусезона во Супер лигата во женска конкуренција, а во рамки на истото штипски Астибо беше поразен на домашен терен во салата „Тошо Арсов“ откако загуби од Вардар со резултат од 31:43.
„Вардарки“ со одлично второполувреме ги освоија бодовите во Штип, откако првиот дел од натпреварот мина во резултатски егал, 16:18 беше резултатот на полувреме.
Прво име кај Астибо стандардно беше искусната Марија Анчева која постигна 12 погодоци, но не беа доволни за да се избегне поразот, а пак кај Вардар се истакна Ања Лашкоска со осум погодоци.
Шампионот Ѓорче Петров со убедлива победа од 35:21 го декласираше Спартак и победнички ја започна 2026 година. „Лавиците“ доминираа во текот на целиот меч и на полувреме заминаа со плус седум односно 17:10, а во вториот дел беше потврдена високата победа.
Емилијана Ризоска беше најдобар стрелец за Ѓорче Петров со девет гола, а пак Марија Јанкуловска имаше осум гола. За Спартак прво име беше Сара Цветановска со шест гола.
Натпреварот меѓу Чаир и Металург Автокоманда не се одигра, а ова ќе биде прв „жолт картон“ за тимот од Автокоманда, а вечерва се игра мечот меѓу Пелистер и Куманово, за комплетирање на колото.
Александар Ванев, М-Нет