Притвор му се заканува на Слободан од Оризари ако не ги плати ратите за брз кредит подигнат на негово име

Блокирани сметки и притвор му се заканува на Слободан Ангелов од кочанско Оризари, ако не ги подмири сметките за подигнатиот брз кредит на негово име. Денеска земал пари на заем за да ја плати ратата од 5400 денари за да не му ја блокираат сметката, ама вели ситуацијата му е лоша. Бара средба со министерот за правда и преставници од Влада за да може да се реши неговиот проблем со кој се соочува подолг временски период, за да не се најде во притвор и со блокирана сметка.

„Барам од институциите, од министерот за правда и барам средба со преставници од Владата да ме примат. Денеска уплатив на сметка на брзите кредити 5400 денари, земав пари на заем, ако не уплатев на мене сметката ќе ми се блокира и мене ќе ме затворат“ – вели Ангелов.

Вкупната подигната сума на брзиот кредит е 135 илјади денари. Анеглов апелира до сите хумани граѓани и оние кои се во можност да му помогнат за да го плати долгот. Додава дека останал без дрва за огрев, а на чекор до исклучување му се и водата, струјата и телефонот. Бара помош од сите оние кои се во можност да го сторат тоа.

„Апелирам до сите македонци кои се надвор од Македонија ако можат да се собере некој денар пара, 135 илјади денари, браќа и сестри македонци помогнете ми да не ме затворат и да не ми ја блокират сметката. Во спротивно ќе ми ја исклучат струјата, водата и телефон сѐ ќе ми исклучат. Исто така ми треба два три метри убни дрва, ако има хумани граѓани да ми помогнат.“ – додава Ангелов.

Ангелов во јуни месец минатата година беше затечен од информацијата дека на негово име со злоупотреба на неговата лична карта се подигнати пет брзи кредити. Реагираше и тогаш бидејќи за него тоа значи цела плата да се даде за отплаќање рати за кредит. Ангелов е воен инвалид од Оризари кои собирајќи донации од хумани граѓни и фирми направи скромна куќа во која живее со неговото семејство.

Лаура Стојанова М-Нет