Прилепска Победа се засили со четири играчи: Претставени Ѓурчиновски, Фејзуловски, Андоновски и Талески

ФОТО: Телевизија М Нет

Екипата на Победа минатата сезона преку баражот се спаси и остана во Втората македонска фудбалска лига, откако со 2:1 славеше над третолигашот Куманово во Ѓорче, со што прилепската фудбалска гордост остана второлигаш.

За новата сезона прилепчани досега ангажираа четири засилувања, станува збор за Амир Фејзуловски, Мартин Андоновски, Никола Талески и Матеј Ѓурчиновски.

Фејзуловски во Победа пристигна од редовите на радовишки Детонит Плачковица, 21-годишниот битолчанец е крилен напаѓач и ќе биде вистинско освежување за прилепскиот второлигаш. Во Победа доаѓа и 19-годишниот напаѓач Никола Талески, кој во Победа е повратник, а доаѓа од редовите на Беласица од Струмица.

Победа се засили и со 20-годишниот Мартин Андоновски, а играчот за врска во Прилеп доаѓа од редовите на второлгиашот Кожуф од Гевгелија. Во Победа пристигна и 20-годишиот Матеј Ѓурчиновски, кој доаѓа од редовите на третолигашот Слога од Виница, а во својата кариера има настапувано за Каменица Саса и Пехчево, а во младинските категории настапуваше во Работнички.

Победа минатата сезона имаше доста турболенции, откако испадна од Првата лига, се најавуваше тим за експресно враќање во Првата лига, но наместо тоа, Победа се соочи со тешка борба за опстанок, а во последното коло беше обезбеден баражот, кој го доби против шампионот на Трета лига – Север, екипата на Куманово со 2:1, натпревар кој можевте да го следите на телевизија М Нет.

Александар Ванев, М-Нет