По 14 пат извршен грабеж на вечното почивалиште на Ѓорѓи Ѓоргиев, тапанарот на ДНК

„Ниту по смртта не му даваат мир“ – нова болка за таткото на Ѓорѓи Ѓоргиев

Драги Ѓоргиев, таткото на трагично загинатиот тапанар Ѓорѓи Ѓоргиев, повторно ја вознемири јавноста со емотивна објава во која открива дека гробот на неговиот син досега бил ограбен дури 14 пати.

На социјалните мрежи тој сподели видео-снимка на која, се гледа лице како зема предмети оставени во спомен на младиот музичар.

„Четиринаесет пати ни крадат од гробот на нашиот ангел. Не можам да разберам како некој може да посегне по нешто што е оставено во спомен на дете кое повеќе го нема“, напиша таткото во својата објава.

Објавата предизвика лавина реакции и сочувство кај граѓаните, кои со неверување коментираат дека некој може да посегне по цвеќе и предмети оставени во чест на починат млад човек.

Ѓорѓи Ѓоргиев беше меѓу жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. За неговото семејство, загубата е непреболна, а секоја нова кражба од неговиот вечен дом отвора дополнителни рани.

Дајана Сандева, М-Нет