По 12 години речиси полна браната Калиманци, брана Градче има прелив

Речиси полна браната Калиманци. По повеќе од една деценија нивото на водата е на задоволително ниво, а во моментот има уште 10 милиони метри кубни празен простор. Директорот на АД Водостопанство Брегалница Горанчи Зашков, вели дека во моментот има прелив само брана Градче и преку неа поминува 3 метри кубни вода во секунда. Додава дека во 2026 година ќе има вода во изобилие.

,,Имаме уште 10 милиони метри кубни празен простор, имаме доволно простор за да ја прифатеме оваа вода што е моментално. Дотокот е 22 метри кубни во секунда. Преку електраната испуштаме 9 метри кубни вода во секунда, додека брана Градче е полна, таа е на прелив. Преку неа поминува 3 метри кубни во секунда. Ова значи дека во 2026 година ќе имаме доволно во изобилие. Слична година е 2014 година, каде што тогаш преливот преку браната беше над 100 метри кубни вода во секунда. Се надеваме дека нема да има такви дождови и дека успешно ќе изменаџираме со брана Калиманци.“, рече Зашков

Тој додава дека резервниот капацитет од 10 милиони кубни метри во брана Калиманци, е наменет за прифаќање на евентуални ударни бранови.

,,Нормално е брана да биде полна ретензиониот простор да биде одпразен. Истиот е од 105 до 115. Тие 10 милиони метри кубни. Ние имаме цел ретензионен простор, што е за прифакање на ударни бранови.“, додава Зашков

Од компанијата информираат дека, иако водостојот на реките е зголемен поради обилните врнежи, засега нема простор за паника од евентуални поплави.

Иван Митев, М-Нет