По што ќе се паметат првите 100 дена од мандатот на градоначалникот на Штип, Николов?

По што ќе ги паметиме првите 100 дена од мандатот на градоначалникот на Општина Штип, Николов?  Ова прашање беше поставено од страна на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, кои на прес конференција дадоа одговор на истото.

„Највпечатлив беше чочекот, кој целиот изборен штаб, во време на пандемија, го изигра на плоштадот во Штип, а развеселените пирови победници забавата ја продолжија во незаконски отворен угостителски локал, во време на забрана.
Стотте дена ќе ги паметиме по единствените презентирани проекти, а тоа се санирана шахта и гипс картонски мост во централното градско подрачје.
За првите 100 дена може и да му честитаме на градоначалникот, затоа што призна дека неколку години градот тоне во нечистотија.“ – беше дел од кажаното од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Во сттоте дена,  градоначалникот Николов беше популарен и со неславната изјава за изучување на бугарскиот јазик во училиштата, обвинија од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Градоначалникот Николов на ова одговори согласно неговите како што истакна тој високи стандарди.

„Јас разбирам дека моите стандарди се многу високи и овие три месеци што направив за чистотата на градот барам уште повеќе. Меѓутоа, веројатно кусогледоста, тесногледоста и неможноста за визуелизација на градот ги прави ВМРО ДПМНЕ да бидат неспособни дури да направат ни критика.“ – истакна тој.

Николов ги посочи работите кои секојдневно се извршуваат во општината, санираните улици и тротоари, како и зголемената активност на администрацијата. Тој очекува штипјани да покажат дали и колку се задоволни од неговата работа.

Лаура Стојанова М-Нет