Почнува празнувањето на летна Света Петка – се слави во населбата Сењак и селата Љуботен, Срчиево и Калузлија

Предвечери започнува празнувањето на Светата преподобна маченица Параскева Римска, во народот позната и како Летна Света Петка.

Празникот во Штип ќе биде одбележан во населбата Сењак, како и во штипските села Љуботен и Срчиево, а чествување ќе има и во карбинското село Калузлија. Токму во овие места храмовите се посветени на Света Петка, а верниците ќе ги посетат со традиционалната посна погача, бидејќи празникот годинава се одбележува во петок – ден кој во православната традиција се смета за посен.

Со запалена свеќа и молитва, верниците ќе побараат душевен мир, здравје, благослов и спасение за себе и своите најблиски.

Освен во штипскиот регион, Света Петка Летна се празнува и во многу други краишта низ Македонија. Во источниот дел на земјата се одбележува и во Кочанско, Виничко, Делчевско, како и во Каменичко.

Света Петка во народната традиција се почитува како голема застапничка пред Бога, заштитничка на семејството и поткрепа на сите оние кои со вера и молитва ѝ се обраќаат.

Главното чествување на празникот ќе биде утре, на 8 август, кога во храмовите ќе се служат празнични богослужби и Света Божествена литургија. Празникот Света Петка Летна секогаш се одбележува на истиот датум – 8 август, но денот во неделата се менува од година во година.

Иван Митев, М-Нет