
Со подготвени над 100 македонски традиционални јадења, гости од повеќе земји, настап на повеќе културно уметнички друштва од државата и странство, игри, ора, обичаи. Завршија традиционалните десетти по ред „Ѓурѓовденски обичаи, игри и ора“, кои се реализираа во Зрновци и кочанско Оризари. Организаторот, Александар Тошев е задоволен од организацијата, се надева дека во годините кои следуваат ќе биде многу подобро и со многу поголема посетеност.
„Па да ви кажам ова е десета јублејна и мислам дека најдобро организирана манифестација. Се надеваме дека наредните ќе бидат уште подобро организирани и дека ќе има многу голема масовност и посетеност, не само на жителите од Оризари и од Зрновци туку и од сите останати места од Македонија. Да напомена дека има направено околу 100 традиционални македонски јадења“ – вели Тошев.
Задоволни од целата организација се и гостите од странство. Од Црна Гора веќе петти пат се гости на оваа манифестација па велат се чувствуваат како дома. За манифестацијата додаваат дека е на доста високо ниво, гостопримството големо.

„Не, не сме првпат. Веќе петти пат сме овде на Ѓурѓовденските обичаи, игри и ора, а двапати доаѓавме и на Денови на оризот. Ние сме и побратимски фолклорни ансамбал со фолклорниот ансамбал Љупчо Сантов, ги негуваме братските односи, меѓусебно се посетуваме најмалку еднаш во годината, ние доаѓаме, тие доаѓаат кај нас и можам да кажам овде веќе се чувствуваме како дома. Големо е гостопримството. Првпат бевме на петтите по ред Ѓурѓовденски обичаи сега е јубулејно десетто и чест ни е што сме дел од ова. Овој фестивал е направен на едно висок завидно ниво, што на организаторот може да му завидат многу меѓународни фестивали како од Европа така и од пошироко“ – вели Симовиќ.
И оние кои за првпат се во Оризари за Ѓурѓовден велат дека целиот настан е феноменален. Од БиХ се задоволни од организацијата, начинот на кој се примени.

„Првпат сме овде за Ѓурѓовден, а шести пат сме гости кај Александар и Љупчо Сантов. Со еден збор целата организација е феноменална, од домаќинот, децата, местата, се е на високо ниво. Нашите деца ќе се престават со игри од Босна“ – додава Механовиќ.
Десетите по ред традиционални „Ѓурѓовденски обичаи, игри и ора“ траеа од 4 до 7 мај во Зрновци, а централната манифестација беше во кочанско Оризари.
Лаура Стојанова М-Нет