Пожар во кочанско Грдовци, запалените стрништа и ветерот огнот го доближија до куќите

Запалени земјоделски стрништа во комбинација со силниот ветер кој е присутен изминативе два дена придонесоа за пламените јазици денеска да се доближат до куќите на жителите во кочанско Грдовци. Изгорени земјоделски машини, преплашени граѓани и обид да се спаси нешто е сликата секоја година овој период, велат жителите за М-Нет телевизија. Според нив, земјоделците без совест ги палат стрништата и на крај трпат сите.

„Кажуват дека од вчера горело. Ова секоја година ни се случува, совеста кај луѓето никако да проработе, луѓето немаат свест. Горе, ние лани изгоревме, имавме и материјална штета. Огнот ни беше до пред вратата, со соседот спасувавме и тоа е“ – велат граѓаните.

На терен на лице место беа екипи на ТППЕ Кочани кои реагираа во гаснење на пожарот, заедно со волонтери од Доброволното противпожарно друштво Кочани. Дојавата за пожар била некаде околу 13 часот, а сѐ уште активни пожари има меѓу Грдовци и Прибачево како и на други локации. Велат дека реагираат и апелираат до земјоделците да не ги палат земјоделските остатоци со цел да не се соочуваат со ситуации како оваа.

Лаура Стојанова М-Нет