
Ставен под контрола пожарот на планината Серта. По 13 дена борба со огнените стихии, од утринава активно горење нема, но се забележува чад. Екипи на терен има, за да не се разгори огнот повторно. Во изминатите две недели гореше трева, грмушки, нискостеблести растенија. Економската штета не е голема, но голема е еколошката посочи директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Под контрола се ставени пожарите на Серта, иако вчера бев лично и немаше никакво горење, се забележуваше некое чадење. Но, овој момент немаме активно горење. Од она што го видов на Серта, најголем дел од она што е изгорено е трева, грмушки, трње, нискостеблести растенинја и во еден мал процент борови, зим зелена шума “ – вели Ангелов.
Утринава се одржа и седница на комитетот за управување со кризи, при што на Владата и се прпорачува под итно да се реорганизира целокупниот систем за кризи. Министерот Тошковски посочи дека треба да се најде соодветен начин за соодветно справување со било каква криза во државата.
„Донесовме одлука со која препорачиваме на Владата веднаш да донесе одлука којашто ќе треба да биде во насока на реорганизација на целокупниот систем кој всушност и не постои за да се справи соодветно со секоја криза која би настанала во Македонија.“ – вели Тошковски.
Во оваа прилика се упати апел граѓаните да се однесуваат одговорно и совесно со цел да не се предизвикуваат пожари за кои се трошат ресурси, а се губат белите дробови на државата.
Лаура Стојанова М-Нет