Повеќе возила паркирани на тротоарот на булеварот Партизанска, граѓаните реагираат, надлежните казнуваат

Узурпирани тротоари, автобуси паркирани на просторот за пешаци на булеварот „Партизанска“ во Штип. Револирани граѓани реагираат, бидејќи, како што велат, тротоарите се места наменети за движење на пешаците и со паркираните возила се загрозува нивната безбедност. За време на празниците и по работно време најчесто, велат, може да се забележат возилата паркирани на тротоарите. Дека тротоарите не се паркинг-места потенцираат и од СВР Штип од каде велат дека прекршоците се санкционираат и апелираат да се почитуваат сообраќајните правила и прописи.

„Полициски службеници постојано се на терен и СВР Штип ги санкционира прекршоците во областа на сообраќајот. При секојдневните контроли следи соодветно санционирање и на прекршоците во областа на непрописното паркирање. Казните за возачите кои непрописно ги паркирале своите возила се движи од 40 до 180 евра, а висината на истата зависи од местото на кое е паркирано возилото, дали е на зелена површина, пешачки премин, тротоар или слично. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел поголема безбедност. Возачите да не ги користат тротоарските површини за паркирање, а пешаците да се движат по истите и да ги поминуваат улиците на обележан пешачки премин.“ – апелираат од СВР Штип.

Пешаците се приморани да се движат по коловозите на повеќе локации во градот, бидејќи превозните средства се паркирани на тротоари. Во такви случаи пешаците се изложени на опасност, особено на места со помала прегледност каде постои неизвесност дали од спротивната страна има или нема автомобил. На повеќе места од градот освен казните од СВР Штип, се преземаат и други активности од општинските власти, па така, најчеста алатка е поставувањето заштитни столпчиња или повисоки рабници на тротоарите со цел да се спречи паркирањето на возилата. Сепак, проблемот останува актуелен, бидејќи и покрај санкционирањата и превенцијата, на крај останува и на свеста на граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет