
Пензионерите со најниски примања, инвалиди и самохрани родители ќе добијат бесплатни канти за отпад. Согласно одлуката на ЈП Исар, кантите кои ги доби претпријатието од страна на Општина Штип ќе бидат доделени на овие групи граѓани, со цел соодветно да се собира отпадот и да се одлага од страна на претпријатието.
„Од страна на Општина Штип ни се доделени 1216 канти за домаќинства. Сега во постапка на нашиот управен одбор и таму имаме предлог таквите садови за одлагање на комунален отпад да бидат доделени на пензионери кои имаат најмали примања, на членови на здруженијата на инвалиди и на самохрани родители.“ – вели Арсовски.
Во меѓувреме, поставените контејнери за селекција на отпад не го даваат посакуваниот резултат. Арсовски вели дека уште треба да се работи на свеста кај граѓаните, со цел отпадот да се селектира и на тој начин да завршува во контејнерите. Во спротивно се соочуваат со проблеми, односно чести дефекти на возилата за собирање на смет.
“Поради тоа иамме чести дефекти на возилата затоа што многу често во садови за комунален отпад нашите работници наоѓаат градежен шут и некои други типови на отпад кои не соодвестуваат и не можат нашите возила да ги примаат и да ги одложат.“ -вели Арсовски.
ЈП Исар и понатаму продолжува со веќе започнатите активности и проекти за бесплатно собирање и одлагање на градежниот и кабаст отпад. Задача на граѓаните е само да пријават во кол центарот на претпријатието и да добијат бесплатна услуга.
„ЈП Исар секоја сабота има задолжени екипи со специјални возила кои го одлагаат градежниот и кабастиот отпат. Истото функционира на база на претходно поднесена пријава во нашиот кол центар и нашите екипи секоја сабота излегуваат и морам да напоменам дека бесплатно го собираат и одлагаат кабастиот отпад по барање на граѓаните.“ – додава Арсовски.
Кога се во прашање контејнерите за одлагање на текстилен отпад, активностите даваат резулат, а се размислува во иднина да се зголеми бројот на контејнери во кои ќе се одлага текстилниот отпад. Идентично се работи и на проект за зголемување на бројот на подземни контејнери.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет