
Со осум проекти Општина Штип ќе аплицира на новиот повик од Влада. Станува збор за проекти кои се веќе започнати и треба да бидат завршени, или проекти кои во наредниот период ќе почнат со реалзиација. Неделава ќе се поднесат апликациите за два проекти, односно паркот во близина на бања Кежовица како и изведба на нова улица во централното градско подрачје.
„Во текот на оваа недела Општина Штип ќе аплицира со два проекти, односно изградба на парк во близина на бања Кежовица покрај коритото на река Брегалница, а другиот проект е изведба на улица која ќе ги поврзува улиците „Тодор Коларов„ и „Мирче Ацев“. Општината ќе аплицира и со втора фаза од завршување на обиколницата или изградба на мост на обиколницата“ – вели Шорова Анѓелова.
Во низата проекти се наоѓаат и поставувањето на СКАДА системот преку кои ЈП Исар ќе може да ги контролира загубите на вода и кражбите на вода. Најголемиот капитален проект е уредување на влезот во градот, односно булеварско решение од Кампус 4 до кружниот тек.
„Ќе аплицираме и со поставување на скада систем. За обезбедување на постојан проток на вода Општина Штип ќе аплицира со изградба на резервоар во близина на филтер станицата.“ – додава Шорова Анѓелова.
Проектите се со вкупен износ од околу 400 милиони денари, а најголем дел од средствата ќе бидат издвоени од страна на Владата.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет