
На одржаната 97ма седница на државната изборна комисија, по официјалните резултати од предвремените избори за градоначалник во Општина Штип кои се одржаа на 13 декември, годинава, официјално е избран и новиот градоначалник на градот под Исарот. Д-р. Сашко Николов, со освоени 11 477 гласови е новиот татко на градот во Општина Штип.
„Според резултатите од гласањето, одржани на 13 декември 2020година, во Општина Штип, во 80 гласачки места, за градоначалник на Општина Штип, е избран кандидатот на реден број на листа, број 2, СДСМ со кандидатот Сашко Николов“ – беше дел од изјавата на Шеху, потпретседател на ДИК.
Право на глас на овие предвремени избори за градоначалник во Општина Штип, имаа 41 777 гласачи, од кои своето демократско право на глас го оствариле 14 301 гласач, а вкупниот број на неупотребени ливчиња е 26 845. Важечки ливчиња на предвремените избори за градоначалник на Општина Штип имаше 13 485, а неважечки гласачки ливчиња 816. Поништено е само избирачкото место 2266. Примопредавањето на градоначалничката функција ќе се одржи во среда на 23 декември.
Лаура Стојанова М-Нет