Општина Илинден продолжува со реализација на активностите за доградба и модернизација на фудбалскиот стадион во населба Илинден, со цел создавање современи услови за развој на спортот и организирање натпревари според највисоки стандарди.
Во рамки на тековните градежни активности започна поставувањето на современ систем за осветлување со над 30 рефлектори, кој ќе овозможи одржување на тренинзи и натпревари и во вечерните часови, согласно современите европски стандарди и УЕФА критериуми.
Поставувањето на осветлувањето е дел од поширок проект кој се реализира во повеќе фази, при што во претходниот период беше извршена целосна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен, поставена е нова вештачка трева, изградена е заштитна ограда и имплементиран е современ систем за дренажа.
Паралелно се одвива и изградбата на нова трибина со капацитет од 1.100 гледачи, како и современи подтрибински административни и технички простории. Проектот предвидува изградба на соблекувални со санитарни јазли и тушеви, простории за судии и службени лица, тоалети за посетители, вклучително и за лица со попреченост, магацински и складишни простории, како и посебен коридор за движење на играчите.
Со проектот е предвидено и хортикултурно уредување на околниот простор, изградба на паркинг за повеќе од 60 возила, како и обновување на комуналната инфраструктура.
Увид во текот на градежните активности изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека поставувањето на современото осветлување е значаен чекор во унапредувањето на условите за користење на стадионот, овозможувајќи негова функционалност и во вечерните часови.
Текстот Општина Илинден: Во тек е поставување современо осветлување на фудбалскиот стадион во населба Илинден е превземен од МАКФАКС.