Од наредниот месец во функција хуманитарните паркинг места во Штип

Од наредниот месец се очекува да почнат да функционираат хуманитарните паркинг места во централното градско подрачје во Штип. Во моментот ЈП „Стипион“ работи на обезбедување на потребни материјали, како набавка на бои и информативни табли кои би требало да се постават до крајот на овој месец, за од наредниот паркирањето во Штип да добие хуманитарен карактер.

„Јавното претпријатие „Стипион“ е во фаза на техничка подготовка за ставање во функција на хуманитарната зона Х. Во тек е набавка на сообраќајни табли и соодветна сигнализација, како и набавка на бои за исцртување на позициите и други потребни материјали. Очекуваме сите подготовки да финишираат до крајот на месецот, веќе следниот месец да започнеме со редовна работа“, вели Стефановски.

Паркинг местата на неколку локации во централното градско подрачје во Штип ќе бидат различно обележани, согласно креативноста на уметници кои хуманитарно ќе работат на обележување на Х зоната во градот. На местата ќе бидат поставени соодветни табли со кои граѓаните ќе може да ги препознаат овие паркинг места. Стефановски посочи дека ЈП „Стипион“ нема да издвои пари за уметниците, туку само за потребните материјали, но тоа не прставува голем финансиски проблем за ова претпријатие.

„Осмислено е со учество на некои уметници да се исцртаат позициите кои се предвидени за цртање со некои мотиви, да се уклучи нивната креативност, ќе биде во различни бои. Ќе има означено табли на тие позиции и истите ќе бидат обележани и јасно препознатливи“, вели Стеафновски.

На територија на Штип, 131 паркинг места во централното градско подрачје ќе бидат хуманитарни. Тоа значи дека за нив ќе се наплаќа 30 денари за првиот и по 30 денари за секој нареден час. На овие места нема да важат повластените месечни карти. 20% од целата сума која ќе се собира по основ на ова паркирање ќе биде за хуманитарна акција. Граѓаните преку СМС-порака хуманитарен паркинг ќе плаќаат на сега постоечкиот број.

Лаура Стојанова М-Нет