Од денеска започнуваат Петровденските пости и траат до 12 јули

Од денеска започнуваат Петровденските пости кои траат до 12 јули односно празникот Петровден. Овие пости уште се нарекуваат пост на Педесетница или Апостолски пост. Може да траат од една седмица и еден ден до шест седмици. Времтраењето на овие пости зависи од тоа во кој период ќе биде големиот христијански празник Велигден, односно тие започнуваат една недела по Педесетница. Годинава за Петровден се пости еден месец. Постите за разлика од велигденските се послесни.

„Овие пости немаат одредено времетраење и зависат од тоа како ќе се падне Велигден. Значи, што порано падне, толку овие пости се поголеми, но според типикот не се толку тешки како велигденските и се постат на следниот начин: среда и петок се пости на вода, односно строг пост; понеделник, вторник и четврток е дозволена употреба на масло; за викендите и на поголемите празници е дозволена употреба и на риба“, истакна Арсовски.

Од црквата во Кочани советуваат пред христијаните да се одлучат да постат, најпрво да се исповедаат. Кога христијаните постат тоа значи дека треба да се откажат од секакви задоволства, од посета на места каде може да се згреши со мисла, збор или дело.

„Како црква и како свештенство неколкупати имаме апелирано сите они луѓе коишто постат и сакаат да се причестат, да се соединат со крвта Христова, најпрво да се исповедат или да побараат благослов или да се консултираат со својот духовен отец за кога ќе пристапат да се пречестат да биде за спасение“ – додаде Арсовски.

Востановувањето на Петровденскиот пост се однесува до првите времиња на Православната црква. За Црковното востановување на овој пост се спомнува во Апостолските правила: „После Педесетница, празнувајте една седмица, а потоа постете; зашто справедливоста бара и да се радуваме по примањето на даровите од Бога, и да постиме после раслабувањето на телото“.

Лаура Стојанова М-Нет