
„Од Баби за Баби“, гласи предновогодишна хуманитарна акција на Урбаната Заедница Баби во Штип. По повод новогодишните празници, а со цел да се разубави празничниот период на социјално ранливите категории граѓани од населбата Баби, Советот при урбаната заедница Баби донираше пакети со прехранбени продукти.
„Како Урбана Заедница Баби заедно со Советот на Урбана Заедница Баби, одлучивме за овие новогодишни и божиќни празници да направиме една хуманитарна акција. Собравме околу дваесет пакети за социјално ранливите категории и сакаме да ги поделиме на тие семејства, со цел малку да им ги разубавиме новогодишните и божиќни празници“, изјави Ангелко Ристов, претседател на УЗ Баби.
Средства за донации се обезбедени од приватни и физички лица во населба Баби во рамки на нивните можности. Како што истакна Ристов, ова е чин на добрина, со којшто би се поттикнале и другите жители на населбата Баби да разубават нечии празници.
„Донации собравме од приватни фирми во населба Баби, како и од физички лица, кој колку можеше да донира. Сакаме со ова да ги мотивираме и другите фирми кои се наоѓаат во населба Баби да донираат за наредните празници“, додаде Ристов.
Како што најавуваат од Урбаната заедница, овој настан нема да биде единствен од ваков карактер. Се надеваат дека ќе има заинтересираност за хумани донации и во иднина, со цел да може помалку имотните нивни сограѓани, не само овој, туку и другите празници да ги поминат со пристојна празнична трпеза.
Ребека Спасова МНет