
Малото рударско гратче Пробиштип отсекогаш било расадник на бисерни таленти во Одбојката кои се афирмирале и се прославиле самите себеси, клубот во кој настапувале како и самиот град. Многумина од нив биле „мета“ на искусните и далековиди менаџери кои им нуделе ангажман во други наши реномирани и респектабилни средини а некои оствариле и богата интернационална кариера. Традицијата си продолжува и така да и ден денес Пробиштип си има свои одбојкарски јунаци кои не заборават на родното огниште а со своите мајстории ги красат нивните нови клубови. Филип Николовски мошне успешно настапува за Струмица Џио а колку за потсетување тој е внук на Драги Николовски – Чосиќ кој своевремено настапуваше за Младост – Мелита. Иван Андонов е раскошен талент и веќе настапува во првенството на Хрватска. Филип Савовски со своите 19 години успеа да го привлече вниманието на одбојкарските стручњаци и го облече дресот на Војводина од Нови Сад. Можеби најмладиот Стојче Арсов кој има 17 години ќе изгради блескава кариера бидејќи веќе го облекол дресот на македонските младински селекции а како и повеќето од нив полека но сигурно чукаат на вратата и на сениорскиот тим. Засега ги следиме овие млади одбојкари, но сигурни сме без потценување дека има и други одбојкари кои го заслужуваат сето наше внимание за кои ќе се потрудиме во понатамошниот период достојно да ги презентираме.
Драги Герасимов – Пушка