
Нов случај на африканска чума во земјава, овојпат во с. Мошница, во општина М. Каменица. Според Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина болеста е регистрирана на фарма со екстензивен начин на чување свињи. АХВ веќе ги известила одгледувачите на свињи, а на одгледувалиштето се спроведени сите потребни мерки за уништување на вирусот. Новото Решение за преземање заштитни мерки ги посочува ризичните зони.
„Со новото решение веќе се воспоставуваат зоните од 3 и од 10 километри околу жариштето, со тоа што во овој дел морам да кажам дека жариштето, коешто е кај населеното место Моштица, ги опфаќа М. Каменица, Косевица, Саса, Цера, Костин дол. Мерките коишто се преземаат во зоната под надзор од 10 километри ги опфаќа општините Виница, Кочани, Делчево и М. Каменица со одредени населени места во овој радиус“, истакна Николче Бабовски, Директор на АХВ.
Во заштитната зона од 3 километри во не подолг период од пет дена ќе се изврши попис на сите домаќинства кои одгледуваат свињи, а потоа ќе се изврши нештетно уништување на сите затекнати животни. Во зоната од 10 километри, пак, ќе се изврши депопулација, при што свињите ќе бидат претходно тестирани, а месото ќе биде дадено на економско искористување.
„Во оваа прилика сакам да нагласам: граѓаните да се мирни, спокојни, бидејќи ова е болест што се јавува кај домашните и дивите свињи, од оваа болест никако и во никој случај нема да заболат луѓето. Опасноста е во тоа ако луѓето ја пренесат во нова незаразена фарма“, додава Бабовски.
За појавата на новото жариште на африканска чума кај свињите Агенцијата ги има известено и Светската организација за здравствена заштита на животни и Европската комисија, а за справување со болеста Бабовски оствари и средба со градоначалникот на М. Каменица и директорот на ЈП „Камена река“.
Ребека Спасова М-Нет