
Повеќенаменско возило за косење трева, одржување на зелени површини, чистење на сообраќајници, тротоари и слично набави Општина Штип во соработка со ЈП „Исар“. Одвоени се повеќе од два ипол милиони денари за ваквата машина која е од големо значење за градот. Градоначалникот Иван Јорданов, посочи дека тенденција е да се обноват машините и опремата со која располагаат јавните претпријатија.
„Во изминатиот период од Буџетот на Општина Штип испланиравме и преку субвенционирање на јавното претпријатие одвоивме повеќе од два ипол милиони денари за набавка на повеќенаменска машина – возило, кое ќе служи за одржување на зелени површини, за полесно чистење на сообраќајниците, на тротоарските површини. Ова е тенденцијата кон која се стремиме, полека но сигурно, да се обновуваат машините и опремата која јавните претпријатија ја имаат“ – вели Јорданов.
Возилото има опција на него да се постават разни приклучоци, со што ќе се третираат зелени површии, ќе се коси висока трева и грмушки, ќе се перат улиците под висок притисок, а овозможено е и косо косење на тревата.
„Станува збор за мултифункционално возило, на кое има можност да се стават разни приклучоци. Во моментот ние располагаме со приклучоци за третирање на зелени површини, за косење на високи треви и грмушки, приклучок со кој ќе вршиме отстранување на ураснатите ивици и тротоари, приклучок за перење под висок притисок кој ќе го користиме за јавните површини и приклучок за странично косење на високи треви на сообраќајниците во Општина Штип.
Со помош на ова повеќенаменско возило Штип ќе може да задоволи поголем дел од потребите на граѓаните, и да го направи градот почисто место за живеење, посочи Јорданов.
Лаура Стојанова М-Нет