
Нова година, нов обид за воведување на јавен градски превоз во Штип. Од Општината велат дека се во постапка ЈП Стипион да добие дејност за организирање на јавен превоз. Ова прво треба да помине на јануарската седница на Советот на Општина Штип, за веќе во февруари да може да се распише тендер и да се набават шест нови модерни автобуси кои ќе ги задоволуваат потребите на граѓаните.
„Веќе сме во постапка на донесување на одлука за додавање на дејност на ЈП Стипион за организирање на јавен градски превоз. Во текот на месец февруари ќе се распише тендер за набавка на шест нови нископрофилни автобуси кои се модерни, еуро шест стандард. Јавниот превоз ќе се одвива на шест линии, ќе бидат опфатени сите населби во Штип во осум термини во денот.“ – вели Јорданов.

Автобусите ќе се движат на шест линии, во осум термини во текот на денот и на тој начин подалечните приградски населби ќе се поврзат со централното градско подрачје. Автобусите ќе бидат земени на лизинг, а граѓаните не би требали да плаќаат повеќе од 30 денари за една релација.
„Набавката на овие автобуси ќе биде на одложено плаќање однонсо на лизинг. Секоја година Општина Штип ќе има предвидено одреден износ на финансиски средства кој ќе бидат одвојувани за исплата на овие автобуси кои ќе бидат набавени, затоа што се јавна потреба, јавен интерес и сметам дека во интерес на граѓаните дека е неопходно да се организира еден вакав јавен градски превоз“ – додава Јорданов.
Проблемот со јавниот превоз во Штип стои нерешен подолг временски период. Минатата година имаше два неуспешни обиди да се реализира овој проект, но ниту еден првозник не се пријави на огласот за јавен превоз. Во Штип имаше и пробно возење со електричен автобус, но граѓани сѐ уште за завршување на своите потреби користат или такси услуга или сопствено возило.
Лаура Стојанова М-Нет