
Нова обележана велосипедска патека во централното градско подрачје ќе добие Штип откако во целост ќе заврши проектот за поставување на конзоли на река Отиња. Со цел подобра функционалност на градот, побрз проток на возила и повеќе паркинг места се работи на овој проект, а кога ќе биде готов Јорданов истакна дека ќе се обележи и нова велосипедска патека.
„Ќе се подобри функционалноста, побрз проток на возила и повеќе паркинг места. Кога ќе заврши целиот проект планираме ново обележување на паркинг местата, планираме и сообраќајно решение за бележување на велосипедска патека во централното градско подрачје. Ова се работи кои ќе се случуваат во наредниот период.“ – вели Јорданов.
Во завршна фаза е и проектот за целосно осветлување на кејот на река Отиња. 180 канделабри ќе бидат поставени од двете страни на реката со што центарот на градот ќе биде целосно модерно уреден.
„Исто во финална фаза е реализацијата на проектот за осветлување на кејот на река Отиња. Од економски факултет до вливот во река Брегалница до градинката во Ново Село. Целиот потег ќе биде осветлен со поставување на канделабри, 180 канделабри на број низводно низ река Отиња. Така да во наредните месеци очекувам навистина да се промени централното градско подрачје на подобро“ – вели Јорданов.
За поставените конзоли на река Отиња досега се потрошени околу 25 милиони денари, а до целосно завршување на овој проект ќе бидат издвоени нешто над 30 милиони денари. Инаку, првата велосипедска патека штипјани ја добија лани, кај пешачката петка во Ново Село.
Лаура Стојанова М-Нет