
И денеска во Општина Штип продолжува масовната имунизација на населението во салата Јордан Мијалков. Со воспоставување на ред пред портите на вакциналниот пункт но и пред влезната врата, денеска можеа да се вакцинираат граѓаните кои имаат закажано термин, но и они без термин кои се над 63 годишна возраст.
„Сите граѓани ќе бидат вакцинирани кои се пријавиле на вакцинација.мк. Да не се прават гужви заради тоа што до вчера беше до над 65 години, денеска таа граница се спушти од 63 години па нагоре. Сите оние кои имаат закажано ќе бидат вакцинирани, сите оние кои се над 63 години да дојдат да повелат денеска ќе бидат вакцинирани без закажување“ – истакна градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов.
Од почетокот на масовната вакцинација во салата “Јордан Мијалков“ Штип се вакцинирани над 3000 лица, а вчера пристигнаа нови 2500 вакцини.
Првиот човек на градот под Исарот, Сашко Николов апелираше до граѓаните да не создаваат гужва пред вакциналниот пунк, бидејќи сите ќе бидат вакцинирани.
Вакцинацијата во вакциналниот пунк „Јордан Мијалков“ во Штип продолжува и во наредниот период, а во текот на утрешниот ден се очекува да пристигне нов контигент на вакцини.
Лаура Стојанова М-Нет