
Нечиста вода и примораност да се вложуваат финансиски средства за да се вградат прочистувачи на истата. Жителите од село Долни Балван велат дека водата за пиење е нечиста и полна со бактерии. Токму затоа оние кои биле во можност инвестирале во филтер за да може да пијат чиста вода. Позади објективот на камерата посочуваат дека ако честичките треба да бидат 50, кај нив надминуваат 300. Стравуваат за сопственото здравје и прашуваат дали и кога ќе пијат чиста вода. Ваквите прашања ги упативме и до градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Тој вели дека водоснабдувањето е бунарско, ама водата е бактериолошки исправна, но не ја исклучува можноста од разни прични да доаѓа до заматување на водата за пиење. Дециден е дека овој проблем ќе се надмине со приклучувањето на ХС Злетовица.
„Село Долни Балван се снабдува со вода по бунарски систем на водоснабдување кој е поврзан со селото Таринци. Се работи за вода која е бактериолошки чиста, но бунарски систем може да дојде до заматување. Овој проблем ќе се надмине наскоро со приклучувањето на ХС Злетовица“ – вели Паунов.
Населените места во Општина Карбинци, меѓу кои и село Долни Балван на ХС Злетовица требаше да се приклучат уште минатата година, но проектот сѐ уште не е во целост готов. Паунов не прецизира кога точно ќе се приклучат на овој систем на водоснабудвање, но уверува дека ќе биде многу брзо.
„Приклучувањето требаше да заврши пред зимата, ама имаше застој од 4-5 месеци од Министерството за земјоделие. Во овој момент се завршува пристапниот пат и очекуваме од Министерството да добиеме дозвола за да ги склучиме овој договор со ХС Злетовица.“ – додава Паунов.
Општина Карбинци и Лозово треба да се приклучат на ХС Злетовица, а минатата година тоа го стори и општина Штип.
Лаура Стојанова М-Нет