
Од денеска започна уписот на првоодделенчињата во основните училишта во Штип. Според податоците од МВР над 550 деца треба да се запишат во петте основни училишта на територија на Штип, и за првпат во учебната 2023 2024 година да седнат во училишните клупи.
„Бројката која ја добивме од МВР е 582 училишни обврзници, но во реалноста ќе видиме колку деца ќе се запишат во прво одделение. Праксата покажува дека се запишуваат малку помал број од тоа што е пријавено. Според списокот дел од децата се веќе иселени.“ – вели Санева.
Проблемот со реонизацијата сѐ уште стои, но Санева посочува дека веќе е донесен правилник за упис на првачињата со кој се предвидува детето да се запише во училиште според местото на живеење. Додава дека оваа година има мали измени па основните училишта освен децата со македонско државјанство ќе може да запишуваат и деца кои се од земјите членки на ЕУ.
„Ние се надеваме дека реонизацијата ќе се почитува онака како што е пропишано во Законот. Секој родител треба да го запише детето во она училиште каде што припаѓа според местото на живеење. Може да се случат некои остапки, но во крајни нужди. Инаку секако Законот треба да биде почитуван доследно. Тоа се регулира и со правилник за успис на децата во прво одделение кој беше донесен на Седница на Совет“ – вели Санева.
Начини пред новата учебна година се бараат и за проблемот со сегрегација во Штип. Да се прават мешани паралелки и да не се создаваат чисто ромски паралелки е приоритет на општината за да се реши проблемот со сегрегација, конкретно во Основното училиште Гоце Делчев.
„Да не се дозволи децата кои се од македонска националност да се запишуваат во другите општински училишта иако знаеме дека и во Законот стои дека родителот може да го запише детето каде што сака, ама во крајна нужда. Се надеваме дека македонските дечиња ќе се запишуваат во Гоце Делчев, а ќе се исконтактираат родителите на децата од Ромска националност доколкиу сакаат и доколку имаат можност нивните деца да ги запишат во друго основно училиште. “ – додава Санева.
Во прво одделение се запишуваат децата родени 2017 година и децата родени во месец јануари 2018 година.
Лаура Стојанова М-Нет