
Мал Ајакс загуби на гостувањето кај Јувентус Серава со резултат од 7:4 и тоа преку пресврт, откако штипјани на полувреме имаа предност од 1:2, во меч од 10. коло на Првата футсал лига, со кое коло се отвори пролетната полусезона.
Гостинската екипа од Штип прва го отвори резултатот откако во 5. минута погоди Седат Мамудов, но радоста траеше две минути Бејтула Јакупи погоди за 1:1. До крајот на првиот дел Иса Дурмишов постигна гол за 1:2 на полувреме.
Во вториот дел домаќинот направи комплетен пресврт откако Ќендрим Абази постигна хет-трик, а по еден гол постигнаа Фуркан Шабани, Енез Јусуфи и Керим Мамуд, а за Мал Ајакс, Дурмишов постигна уште два гола и комплетираше хет-трик, но штипјани се враќаат поразени.
Екипата на Кеги Моби со убедливи 7:2 славеше над Балкан, а пак Бутел со 2:0 го доби мечот со Клими, на кој имаше најмалку погодоци. Големо изненадувања синоќа се случи во Крива Паланка каде Шкупи го изненади Осогово славејќи со 4:6 и така скопскиот тим влегува со важни три бода во трката за опстанок.
Пролетниот дел беше отворен со дербито меѓу шампионот Форца и лидерот Проект кое заврши со резултат од 6:7 за тимот од Јосифово кој останува непоразен лидер во Првата футсал лига и цели кон двојна круна.
На самата табела нема значајни промени по одигрување на првото пролетно коло, но веќе следно коло може да направи промени. Проект е непоразен лидер со максимални 30 бодови, Кеги Моби е втор со 24 бодови, а пак шампионот Форца е на третото место со 21 бод и веќе јасно е дека трката за титулата е изгубена.
Бутел се зацврстува на третото место со 16 бодови со амбиции да го напаѓа третото место, а пак Јувенту Серава е на 5. место со 15 бодови, а Клими е шести со 12 бодови.
Останатите екипи не се сигурин и ги очекува многу тешка битка за опстанок. Со по девет бодови Осогово и Балкан го делат седмото место, Шкупи се проби до деветтото место со седум бодови, но е во зоната за испаѓање во Втора лига, а пак Мал Ајакс од Штип со шест бодови е на дното односно на последното десетто место.
Александар Ванев, М-Нет