
Помош се нуди од сите страни после големата трагедија која се случи во Кочани, каде животите ги загубија 59 лица. Има голем број на лица кои се хоспитализирани со тешки изгореници и други проблеми и се лекуваат во странство.
Македонските спортисти и тренери кои настапуваат за екипи во странство нудат секаков вид на помош за семејствата на лицата кои се лекуваат во друга држава.
Помош понудија поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски кој живее во Хрватска, како и фудбалерот Стефан Ристовски, кој настапува за Динамо Загрев, понудија несебична помош за семејствата на повредените што се лекуваат во Загреб.
Преку социјалните мрежи тие истакнаа дека стојат на располагање за секаков вид на помош.
Исто така, помош понуди и фудбалерот Методи Максимов кој настапува за австриски ЛАСК од градот Линц, тој преку социјалната мрежа Инстаграм понуди било каква помош за оние кои ќе се лекуваат во Австрија.
Во знак на почит медиумските активности на репрезентацијата пред која се два натпревари во квалификациите за Светското првенство ќе бидат сведени на минимум, истакаа од ФФМ. Репрезетанцијата во сабота ќе игра со Лихтенштајн, а потоа и со Велс во вторник.
Поранешниот репрезентативец на Македонија, Милан Стојаноски, кој живее во Белград, Србија, се понуди за било каква помош на семејствата за сите оние повредени што се на лекување во Белград, пренесе поранешниот фудбалер Панче Ќумбев на социјални мрежи истакнувајќи дека Стојаноски нуди сместување и стои на располагање за било каква помош.
Сочувство стигна и од големиот ракометен стратег Веселин Вујовиќ, кој во минатото беше тренер на Вардар, сочувство до македонскиот народ изразија и хрватскиот ракометар Игор Карачиќ, рускиот ракометар Тимур Дибиров кои многу години ги бранеа боите на Вардар, како и Црногорката Јованка Радичевиќ, која исто така беше дел од ЖРК Вардар во минатото.
Натпреварите во регионот започнуваат со минута молк. Македонија се обединува после оваа голема трагедија која се случи во Кочани.
Александар Ванев, М-Нет