
Македонските ракометни суперлигаши активно работат на продолжување на соработката и ангажирање на нови ракометари.
Прилеп го договори првото засилување за новата сезона, станува збор за искусниот кружен напаѓач Алекснадар Тренчевски, кој всушност повратник во редовите на Прилеп. Тренчевски во својата кариера беше дел од Вардар Јуниор, Зомимак од Струмица, Струга, струмички Астраион и екипата на Паргас од Финска.
Екипата на Тиквеш за новата сезона од Суперлигата ја продолжи соработката со тројцата клучни играчи. Кавадаречкиот суперлигаш ја продолжи соработката со Мартин Манасков, Срѓан Мијатовиќ и Ани Обина.
Голманот Бобан Ристевски и следната сезона ќе го носи дресот на Охрид, а на голот на „гладијаторите“ во иднина ќе биди и Даниел Ѓорѓески и Градимир Чаневски, кој се враќа во македонскиот ракомет. Од клубот си заминува младиот голман од Босна и Херцеговина, Берин Бркиќ кој се враќа дома и ќе брани за Слобода Тузла.
Нов играч во редовите на Вардар ќе биде Марио Танкоски, кој во двократниот европски шампион доаѓа од редовите на шампионот Еурофарм Пелистер, а во својата кариера има настапувано за Металург 2, потоа за Металург, а потекнува од Струга, а за репрезентацијата на Македонија настапуваше на СП 2019 година и ЕП 2020 година.
На тренерското столче во Тиквеш седнува искусниот стратегДраган Марковиќ – Марка, кој стави потпис со суперлигашот од Кавадарци на две сезони, а доаѓа како наследник на Раде Стојановиќ, кој ќе го води тимот на Тримо Требње од Словенија.
Искусниот стратег Александар Јовиќ останува на тренерското столче на Пролет, кој ќе го води скопскиот тим и во следната сезона од Суперлигата.
Александар Ванев, М-Нет