Македонскиот шампион Штип УГД работи под „полна пареа“: Одбојкарите ќе ја бранат двојната круна

Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД се комплетираше и со „полна пареа“ работи на подготовките за новата сезона, во која ќе има за задача да ја одбрани двојната круна.

Екипата на Штип УГД беше докомплетирана со репрезентативниците кои имаа настапи на Европското првенство, со што во полн состав тимот кој го предводи Кристиан Ристески продолжува да ја бруси формата за новата сезона.

Помошник на Ристески ќе му биде Стефан Алексов, кој реши да стави крај на играчката кариера и да се посвети на тренерската кариера, со тоа што ќе му асистира на стратегот Ристески.

Како што истакнаа од клубот, на првиот собир бил присутен и пратеникот во македонското собрание и вљубеник во одбојката, Никола Мицевски, кој како што посочија од клубот континуирано го следи и поддржува клубот.

Минатата сезона беше историска за Штип УГД, откако клубот ја освои двојната круна, за првпат шампионската титула, а трета година во низа се освојува Куп титулата.

Македонскиот шампион Штип УГД ќе дебитира и во Лигата на шампионите, а европските мечеви ќе се играат во новата сала „Џексон“ во градот под Исарот.

Александар Ванев, М-Нет