Македонија одново загуби од Швајцарија, Седлоски: Јас не застанувам тука, ниту се предавам

Македонската фудбалска репрезентација со четири порази во 11 дена, синоќа загубивме од Швајцарија со 3:0 во Луцерн и одново не успеавме да постигнеме гол.

Резултатската криза во нашата репрезентација продолжува, на победа чекаме од 7 септември 2025 година, а на гол од 18 ноември 2025 година.

Нашата репрезентација е на дното во групата без бодови, Швајцарија е перфектна со максимални 12 бодови, Словенија е втора со седум бодови, Шкотска е трета со четири бодови.

Во однос на статистиката Швајцарија има напад со реализирани 11 гола, а Македонија не постигна гол, од друга страна швајцарците ја имаат најдобрата одбрана кој прими само еден гол во четири меча, а Македонија прими дури десет гола, од кои шест од Швајцарија.

Селекторот Гоце Седлоски вели дека нашата репрезентација имала перфектно прво полувреме, во второто полувреме имало индивидуални грешки, дополнувајќи дека им дал шанса на сите играчи во нападот.

„Перфектно прво полувреме до голот, второто полувреме тие индивидуални грешки кои ги направивме и репрезентација каква што е Швајцарија не простува на такви грешки и ги примивме головите. Во првото полувреме имавме две три шанси и истите мораме да ги искористиме, а Швајцарија од еден мал простор секоја шанса ја користат и дава голови. Мислам дека на сите играчи им дадов шанса во нападот, уште еднаш ќе повторам, силна репрезентација како што е Швајцарија, но на вакви натпревари кога ќе се укаже една или две шанси мора да дадеш гол. Јас не застанувам тука, ниту се предавам, јас сум бил борец како играч, таков и ќе останам и сега. Се наоѓаме во една тешка ситуација и јас тука не се откажувам“, вели селекторот Седлоски.

Селекторот Седлоски надополни дека тажни се поради овие порази, но дополнува дека е оптимист.

„Тажни сме сите. Тешко е. Овие порази кои ги имаме, нормално, но уште еднаш ќе кажам, оптимист сум, не застанувам, ќе работам тоа што го знам“, вели Седлоски.

Пред Македонија преостануваат уште два натпревари, против Шкотска ќе играме во гости на 13 ноември, додека пак во Скопје на 16 ноември ќе ја пречекаме репрезентацијата на Словенија.

Александар Ванев, М-Нет