
Македонија максимално мотивирана денес оди на триумф и три бодови на далечното гостување во Астана против Казахстан во рамки на 4. коло од квалификациите за СП 2026.
Селекторот Благоја Милевски поради акумулирани пет жолти картони нема да може да биде долу на теренот, а стручниот штаб нема да може да смета на Исник Алими и Бојан Димоски кои се отсутни поради повреди.
Македонија на себе ја има благата фаворитска улога, но јасно е дека нема да биде лесно да се победи Казахстан во далечната Астана, пред се затоа што Казахстан во претходното коло беше слободен и максимално одморен и мотивиран со сите сили оди против Македонија и ќе бара втора победа и нови три бодови.
Македонија во претходното коло односно во петокот на арената „Тодор Проески“ имаше навистина исклучително тежок меч, бевме блиску до можноста и да победиме, но ремизиравме со Белгија играјќи 1:1, по што немаше време за одмор, бидејќи веќе во саботата нашата репрезентација замина на долгото патување за Астана, веќе денес ќе играме против Казахстан од 16 часот.
Двете репрезентации само еднаш меѓусебно се соочиле на пријателски меч, кој беше одигран во Скопје во на 4 јуни 2021 кога Македонија со 4:0 го доби Казахстан, а денес ќе биде прво официјално соочување на двете селекции, а прво гостување на Македонија во Астана.
М Нет телевизија ќе известува за овој меч од Астана.
Александар Ванев, М-Нет