Македонија доби уште еден олимпиец: Борачот Владимир Егоров со норма за ОИ во Париз

По одлуките на Интернационалниот Олимписки Комитет во врска со спортистите од Русија и Белорусија, Обединетото светско борење денес го извести Македонскиот олимписки комитет дека Владимир Егоров како највисоко рангиран борач од Олимписките квалификации во Баку, Азербејџан и како сè уште неквалификуван борач (слободен стил, категорија 57 килограми), со “А“ олимписка норма ќе може да настапи на Олимписките игри во Париз 2024.

Оваа значи дека уште еден македонски спортист ќе настапи на Летните олимписки игри во Париз, Франција, а истите ќе се одржат во период од 26. јули до 11. август годинава.

Колку за потсетување Егоров е член на боречкиот клуб „Балканец“ од Штип, а го освои златниот медал на Европското првенство во борење во Будимпешта, откако во финалето во категорија до 57 килограми слободен стил го победи Алиабас Рзазаде од Азербејџан со 8:6.

На Летните олимписки игри во Париз од Македонија покрај Владимир Егоров во борење слободен стил ќе настапи и Дарио Ивановски во Атлетика, 22-годишната Анастасија Мојсовска од Охрид во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени 60 истрели и таеквондистка Миља Рељиќ.

Александар Ванев, М-Нет