Лицата во самоизолација ќе гласаат во присуство на специјална здравствена група

Предвремените парламентарни избори се закажани. Датумот кога ќе се одржат веќе е познат, 15 јули, а до тогаш за се`што е поврзано со нив, штипјани ќе можат да се информираат во Општинската изборна комисија (ОИК), која се наоѓа во малата сала во општинската зграда.

Претседателката на ОИК, Сенка Андреева, кажа дека стартувале во полн ек, со добиениот ревидиран роковник од ДИК, но и со соодветна заштита за граѓаните кои доаѓаат да се информираат.

За тоа, како на денот на изборите ќе гласаат лицата кои се во самоизолација, Андреева рече дека веќе се познати заштитните мерки.

Гласањето меѓу нив со специјална здравствена група, која ќе биде заштитена, како што велиме од глава до петици. На тој начин тие ќе гласаат, или ќе го остварат своето демократско право. Но, ние како ОИК ќе добиеме само избирачки список, поради вонредната ситуација, во кој ќе бидат наведени сите кои се во самоизолација од КОВИД 19 – изјави Андреева.

Специјалната здравствена група ќе биде составена од лекари, медицински сестри, претставници од политички партии формирани од ДИК.

Се` уште не е познато како ќе гласаат лицата кои се хоспитализирани, истакна Андреева.

Што се однесува до здравствените работници кои ќе бидат на избирачките места, на посебна листа се евидентирани околу стотина лица кои ќе бидат ангажирани на 80-те избирачки места во Општина Штип.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ