По шест дена штрајк со глад во шатор пред деканатот на Медицинскиот факултет оти на три конкурси за вработување бил одбиен, лекарот и приватен специјализант, Дарко Василевски, синоќа го прекина штрајкот. Го посетил само еден колега, а бил и на разговор со деканот на Медицинскиот факултет по што сфатил дека борбата му е невозможна. Вели дека си заминува со крената глава и благо нарушено здравје.
„ Вечерва заминувам од пред деканатот на Медицинскиот факултет со крената глава, затоа што барем укажав на неправдата со која се соочуваат медицинските лица кај нас кои немаат славно име, поддршка или, во мојов случај, имаат многу години. Се надевам дека овој мој потег ќе биде поттик во иднина да се зборува многу повеќе и многу погласно.
Денес, по 6 дена, конечно за првпат ме посети мој колега, пријател, лекар кој ми ја понуди својата поддршка и засекогаш ќе му бидам благодарен за тоа. Благодарен сум и на јавноста, луѓето кои не ги познавам кои дојдоа да ми понудат помош или јавно или преку пораки застанаа на моја страна и ми влеваа надеж дека оваа моја битка нема да заврши неславно.
Денес, по краткиот разговор со деканот на Медицински факултет, сфатив дека како Дон Кихот, се борам со ветерници и имам преголеми очекувања од институциите. За скоро една недела, скоро никој не се одважи да ме праша како сум, да побара решение или да ми понуди конкретен разговор.
Дури и од колегите лекари, од кои очекував ако не поддршка, барем некој охрабрувачки збор, бев претставен како неработник, тие изнесоа мои лични податоци јавно во обид да ме дискредитираат. Ви благодарам за сите наведнати глави.
Во ниеден момент не жалам што кренав глас, што сам пробав да се изборам за себе, што се обидов да ставам крај на неправдите. Се надевав дека мојот случај ќе биде лекција како не треба во иднина, дека треба секому да се даде шанса, праведна, а не да се бројат години или да се влечат врски.
Си одам со благо нарушено здравје, ама горд на себе што издржав и не каснав ни залак, што не потклекнав под притисокот, што барем јавноста се сплоти околу мене.
Јас и понатаму ќе продолжам да живеам за медицината, ќе се надоградувам, ќе се едуцирам, ќе го усовршувам своето знаење и искуство и, пред сè, ќе останам посветен на она што отсекогаш ми било најважно – да бидам добар лекар.
Фер и транспарентната постапка ќе биде предмет на проверка пред надлежните инспекциски и судски органи.
Фала ви на сите за поддршката, а јас и понатаму ќе одам против ветерници, не знам како поинаку“, објави на социјалните мрежи лекарот Василевски.
Министерот за здравство Сашо Клековски на Василевски преку медиумите му порача дека ако се пријави во групата од 300 специјализанти кои треба да бидат вработени и ако ги исполнува условите, ќе биде примен на работа во некоја од јавно-здравтвените установи.
Текстот Лекрот Дарко Василевски ги прекина штрајкот со глад: Ви благодарам за сите наведнати глави е превземен од МАКФАКС.