Труењето на граѓаните во Гостивар не е само резултат на погрешна техничка одлука или индивидуален пропуст, сметаат од Левица. Според досегашните наоди од истрагата, во водоснабдителниот систем била пуштена непречистена вода, Институтот за јавно здравје утврди присуство на фекални колиформни бактерии, а анализите покажаа и покачени концентрации на резидуален хлор, што укажува на обид за санирање на веќе настанатата контаминација.
„Ова е случај во кој критична јавна инфраструктура била управувана на начин што сериозно ги загрозил здравјето и безбедноста на илјадници граѓани, поради што сите инволвирани мора да понесат целосна кривична одговорност. Но, ако случајот заврши само со утврдување на индивидуална вина, повторно ќе остане неодговорено прашањето зошто Македонија одново и одново се соочува со трагедии што можеле да бидат спречени. По автобуската несреќа на ‘Дурмо Турс’ се отвори прашањето за нефункционалниот инспекциски надзор. Скандалот на Онкологија откри систем во кој со години изостанувале контролата и одговорноста во здравството. По Кочани повторно видовме што значи кога инспекцискиот систем, локалната власт и државните институции со години функционираат партизирано и без никаква одговорност. Кај фемицидите, речиси по правило, се поставува истото прашање: зошто институциите не реагирале навреме и покрај бројните предупредувања.
Иако непосредните причини за овие случаи се различни, заеднички им е институционалниот распад што со децении го произведува партизацијата. СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ, а денес и ВЛЕН, ја третираат државата како партиски плен. Раководните позиции не се пополнуваат според стручност и професионален интегритет, туку според политичка лојалност, додека јавните претпријатија, инспекторатите и државните органи постепено ја губат способноста да функционираат во јавен интерес.
Партизацијата не е само неправедна кадровска политика – таа е систем што ја разградува државата одвнатре. Таа создава средина во кој контролата станува формалност, одговорноста се заменува со меѓусебно политичко покривање, а професионалците се маргинализираат или го напуштаат јавниот сектор. Во таква средина, грешките не остануваат на административно ниво – тие неизбежно прераснуваат во скандали, трагедии и човечки жртви. Затоа секоја нова власт ветува „реформи“, а граѓаните продолжуваат да плаќаат со сопственото здравје, безбедност, а понекогаш и со сопствените животи.
Левица со години предупредува дека партизацијата не е административен, туку безбедносен и општествен проблем. Држава во која стручноста системски се заменува со партиска послушност неизбежно создава институции што порано или подоцна ќе потфрлат. Затоа вистинската борба не е само за казнување на виновниците, туку за демонтирање на системот што постојано создава нови виновници.
Гостивар не е исклучок, исто како што тоа не беа ниту десетиците други случаи што ја потресоа јавноста во изминатите години. Сите тие се симптоми на ист политички модел кој со децении ги поткопува институциите во корист на партиските интереси. Додека институциите се градат според партиска, а не според професионална логика, Македонија нема да престане да произведува нови трагедии – ќе продолжи само да ги менува нивните имиња“, реагираат од партијта.
Текстот Левица: Епидемијата во Гостивар доаѓа по „Дурмо турс“, Окнологија и Кочани, додека институциите се градат по партиска логика ќе се менуваат само имињата на трагедиите е превземен од МАКФАКС.