Лани се продадени 330 станови во Штип, најголем интерес има за нова градба, цената 1300 евра за метар квадратен

Претходната 2025 година се продадени 330 станови во Штип согласно евиденцијата на Одделението за даноци про општината. Од нив најголем дел однонсо 65% се продавале нови станови за кои имало најголем интерес од страна на граѓаните. Вкупната вредност на продадените станови е околу 19 милиони евра, посочуваат од Одделението за даноци. Просечната цена на станови во Штип се движи околу 1300 евра за метар квадратен.

„Во 2025 година според нашата евиденција продадени се 330 станови, од кои 214 се нова градба или вкупната вредност на продадените станови е околу 19 милиони евра, а само за новите околу 13 милиони евра. Од вкупните бројки две третини се продажба на нови станови, тоа се станови кои се градени во претходните години и просечната цена на продажба на нови и стари станови е околу 1300 евра за метар квадратен.“ – вели Каров.

Праксата покажува дека секоја година се зголемува цената на становите кои се нудат и продаваат во Штип. Тоа значи дека и во наредните години не се очекува промена на ваквата состојба и намалување на цените на становите.

„Бројките од претходните години покажуваат дека секоја година просечната цена се зголемува при продажбата на становите.“ – додава Каров.

Според овие податоци, во Општина Штип речиси секој ден лани се продавал по еден стан. Најголем интерес има за помалите станови. Во последните четири години, се продадени 1.250 станови. Најголема продажба е евидентирано во 2022 година кога биле продадени дури 400 станови, во 2023 бројот се намалил на 250, а во 2024 се продадени 270 станови. Цените на недвижности и понатаму се високи. Една од мерките на Владата за намалување на цената на становите во Скопје и поголемите центри во државата е изградба на нови станови во Штип, Битола, Скопје и Охрид.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет