Кучиња чувари во двор на самохрана мајка мета на „сериски убиец“ на животни

Во штипската населба Леваци живее самохрана мајка со нејзините две деца. Билјана Алексова е млада жена, која освен што е љубител на животни, за безбедноста на децата, со години наназад чува кучиња, кои се наоѓаат во дворот на нејзината куќа.

За жал, во последните неколку дена, три од петте кучиња кои ги чувале се отруени. И сега повторно се појавува стравот, дека не само кучињата, од отровот кој некој го фрла во нејзиниот двор, можат и децата настрадаат. Одговорот на ветеринарот со што се отруени кучињата е дека станувало збор за ланата.

-Јас веќе се чувствувам крајно загрозено во сопствениот двор. Прво за безбедноста на моите деца, потоа и за милениците. Колку што видовте имаме тука зајачиња, од тревата, од растенијата, од лисјата берат и ги хранат. Што доколку тие деца дојдат во допир со отровот којшто е на тревата, не знаејќи дека има отров. Значи тоа е прилично отровна супстанца, со која доколку се допрете доносот или до устата, настапува гушење, крварење. Значи истото може да им се случи и на децата – изјави Алексова.

Бидејќи се плашела за безбедноста на останатите кучиња, Алексова чекала до доцна во ноќта да види дали повторно ќе биде фрлен отров во нејзиниот двор. Утрината кога се разбудила уште едно куче било отруено.

-Со цел да не ги стреснам децата, го тргнав првото кутре, го погребав, до вечерта, кога требаше да ги нахранам другите ми беше отруено уште едно куче. Повикав полиција, го пријавив случајот, направија записник, треба да добијам извештај. Може единствено да биде пријава за непознат сторител. Немаш очевидец, немаш камера, значи и да имаш сомнежи, без очевидец и без слики, не можат да преземат ништо по случајот, што мене крајно ме иритира, и револт и гнев и не знам да ви кажам како се чувствувам.  Комуницирав и со Здружението за заштита на животни што е во Штип. Многу тешко правно да се докаже и да се дојде до правда за вакви случаи – очајна е Алексова.

Не знае од кои причини и од кои побуди, некој тоа го прави. Дворот е голем и заграден од сите страни, а кучињата немаат излез надвор од дворот, освен ако Алексова не ги изнесува на поводник да бидат прошетани.

Децидна е, не може никој да се пожали дека му влегле во бавча или двор, или дека направиле некаква штета.

Самата помисла дека некаков, да не го наречам „масовен убиец“ живее до нас, мене ми е страшна. Некој се смета дека е недопирлив, дека е над законот и дека може да прави што сака. И што е уште пострашата работа е дека ме демне. Јас се чувствувам дека некој постојано ме дебне. Кога јас ќе влезам внатре, кога ќе ги исклучам светилките, да се прави тоа што се прави / Не знам од кои побуди и кое е задоволството да се земе душа, сепак тоа е нечија душа. Нити си му ја дал, нити имаш право да му ја земеш – истакнува Алексова.    

Билјана Алексова кучиња чува од 2012 година. И тоа претежно шарпланинци. Сите биле однесени на ветеринар, чипувани се имаат пасош за миленичиња.

Таа не го знае решението за тоа како да си ги спаси семејството  и миленичињата од, како што вели, „серискиот убиец“ на животни.

Единствено се надева дека личноста која ги труе нејзините кучиња, ќе престане тоа да го прави.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ